Животниот стандард е лош, ама граѓаните веруваат дека ќе им биде подобро за пет години
Испитувањето на перцепциите за животниот стандард на МЦМС и Телевизија Телма покажаа дека три четвртини од граѓаните (75,0%) себеси се гледаат во првата половина на скалата од еден до 10. Сепак постои оптимизам затоа што 48,1% од испитаниците себеси се гледаат во втората половина од скалата за пет години од сега. Образованието и возраста на испитаниците влијаат на перцепциите па така, оние со повисоко образование и помладите се поотимистични во поглед на животниот стандард.
Вработеноста кај мажите е повисока (50,9%) од онаа кај жените (33,3%). Најголем број од вработените се на возраст помеѓу 30 и 49 години. Што се однесува до приходите, една четвртина од граѓаните немаат лични приходи, а меѓу нив побројни се жените (31,7%) од колку мажите (19,2%), етничките Албанци (38,4%) од колку етничките Македонци ((20,0%) и младите на возраст од 18 до 29 години (39,4%).
Повеќе од половината (52,6%) едвај можат или не можат да си го дозволат неопходното, додека само 12,8% можат да си дозволат повеќе од потребното. Меѓу оние кои не успеваат да си го дозволат неопходното побројни се етничките Албанци (39,4%) за разлика од етничките Македонци (17,6%), како и оние со пониско образование.