Се истражува трудовата експлоатација и дискриминација на децата Роми во Виница и Кочани
Здружението Иницијатива на невработени интелектуалци – ИНИ од Виница почна истражување за образовната инклузија на децата Роми во општините Виница и Кочани, како и за формите на трудова експлоатација, дискриминација и разни форми на насилство врз нив.
Партнер во реализацијата на проектот е ромското здружение „Авена" од Кочани, а истражувањето и анализата ќе се спроведуваат во повеќе целни групи граѓани во текот на оваа календарска година.
Сакаме да добиеме вистинска слика за бројот на ромски семејства чии деца не посетуваат настава и се жртви на трудова експлоатација и насилство. Ќе работиме на подобра информираност за нивните права, како и за јакнење на капацититетите на одговорните институции за спречување на детска трудова експлоатација и дискриминација на децата поради етничка, религиозна или друга припадност. На овие семејствата ќе им помогнеме во застапувањето пред локалните власти, со конкретни препораки да се донесат соодветни програми за заштита на правата на децата, истакна Тодор Цонев, претседател на здружението ИНИ.
Во рамки на птроектот ќе бидат организирани едукативни работилници за родителите и ќе се изработи прирачник за заштита на правата на децата од трудова експлоатација, дискриминација и насилство.
Истражувањето е финансирано со средства од ЕУ во рамки на проектот „Стратешки партнерства за развивање на социјална агенда за промени" што го спроведува Здружението за акција против насилство и трговија со луѓе „Отворена порта".