Коалицијата на граѓански организации - Форумот на немнозинските заедници е чадор организација на дваесетина граѓански организации кои ги претставуваат немнозинските заедници во Македонија. Форумот се залага за правата и интересите на заедниците и го промовира нивното учество во општествените токови.
Коалицијата на граѓански организации - Форумот на немнозинските заедници иницира подготовка на Извештај во сенка за имплементацијата на Рамковната конвенција на Советот на Европа за заштита на правата на Националните малцинства во Македонија (РКНМ). Со отпочнувањето и преземените активности објавуви соопштение за медиумите во кој се вели:
Коалицијата на граѓански организации - Форум на немнозинските заедници објавува отпочнување на процесот на подготвување извештај во сенка за спроведувањето на Рамковната конвенција на Советот на Европа за заштита на националните малцинства (РКНМ) во Македонија. Со оваа иницијатива примарно ја нагласуваме нашата посветеност да обезбедиме остварување, заштита и унапредување на правата на малцинствата во земјата, како и развој на демократијата и владеењето на правото во општеството.
Коалицијата на граѓански организации - Форум на немнозинските заедници констатираше дека поднесувањето на Шестиот државен извештај на Македонија за спроведувањето на Рамковната конвенција на Советот на Европа за заштита на националните малцинства (РКНМ) е одложено. Првичниот рок за овој Извештај беше 1-ви февруари, а неговото отсуство го попречува критичкото оценување на напредокот и почитувањето на правата на малцинствата во државата.
Како дел од социо-економските констелации на оваа држава, Форумот сака да го забрза и поддржи процесот на поднесувањето на предметниот Извештај и во таа насока, ќе даде активен придонес во процесот на известување, како рамноправен партнер подготвен за дијалог и соработка со сите релевантни општестевени чинители.
Исто така, Форумот идентификуваше потреба од значително дополнување на тековниот процес на преговорите со Европската Унија. Поточно, на владиниот скрининг Извештај му недостасува сеопфатен Акциски план за партиципација и интеграција на немнозинските заедници во евро-интеграциските процеси и политики. Тој план за жал не е подготвен и покрај остварениот редовен дијалог и консултации помеѓу Форумот и Секретаријатот за европски прашања (СЕП).
Имено, Секретаријатот за европски прашања (СЕП) упатува на Министерството за надворешни работи (МНР), објаснувајќи дека политичката чувствителност на прашањата поврзани со малцинствата во Македонија налага изработката на Акцискиот план за немнозинските заедници да биде исклучиво раководена од посоченото Министерство.
За жал, ваквиот пристап резултираше со недостиг на консултации со граѓанските организации од немнозинските заедници, иако Патоказот за кластер 1 и одредниците од скрининг Извештајот беа одобрени од владите на ЕУ и од македонската влада.
Поради тоа, Коалицијата на граѓански организации - Форум на немнозинските заедници сака да ја насочи идната Владата дека во Македонија живеат 27 малцински заедници кои претставуваат 10% од населението на државата.
Во духот на конструктивен дијалог, Коалицијата на граѓански организации - Форум на немнозинските заедници потестува на заедничката демократска обврска и одговорност на надлежните институции за одржување редовни и јавни консултации со немнозинските заедници. Тоа е со цел да се осигура дека правата и интересите на немнозинските заедници се соодветно адресирани, особено во насока на исполнување на Копенхашките критериуми за пристапување на земјата кон Европската Унија. Замрзнувањето на овие консултации поради политизирани чувствителни прашања се смета за несоодветно и контрапродуктивно за нашите колективни цели и интереси, вклучително унапредувањето и промоцијата на мултиетничкиот карактер на нашата држава и демократија.
Ја охрабруваме идната Влада, како и сите останати одговорни политички чинители, да се забрза процесот на подготовка и поднесување на задоцнетиот државен Извештај за спроведувањето на Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства. Дополнително, повикуваме на итно започнување на инклузивен дијалог со сите граѓански организации од немнозинските заедници во Македонија во врска со преговорите за членството во Европската Унија и Планот на Европската Унија за раст на Западен Балкан.
Ја користиме оваа прилика да испратиме порака дека Коалицијата на граѓански организации - Форумот на немнозинските заедници останува непоколеблив во својата посветеност кон заштита и промоција на правата на сите немнозински заедници во Македонија. Форумот ќе продолжи да работи и да се залага да се слушаат гласовите на немнозинските заедници и истите да се почитуваат во сите национални и меѓународни процеси и политики.
На крајот, Коалицијата на граѓански организации - Форумот на немнозинските заедници, со сите свои капацитети, ќе стои на распологање за иден рамноправен дијалог со институциите, како и меѓународните организации.