Еманципацијата не ги одминува ниту Ромките кога станува збор за родовата рамноправност и борба за подобар социоекономски статус. Но покрај низата егзистенцијални прашања што ги засегнуваат жените и девојките од овој етникум во борбата за еднаквост со мажите, тие се погодени и од тивкото и болно „традиционално“ семејно насилство.
„Вредностите на ромската заедница ја ограничуваат жената Ромка во нејзините избори“ и „Мала е поддршката што ја добиваат жените Ромки во намалувањето на семејното насилство“ беа двете клучни тези на кои изминатиот месец се дебатираше како дел од проектот „Биди дел од заедницата - дебатирај!“.
Ова беа клучните прашања на кои дебатираа Тања Крстевска, Алмира Фаслии, Ариф Адеми, Цвета Ангелова и Орнела Гани како афирмативци и Ферзије Асановска, Ајџан Маликоска, Џенгис Бериша, Мухамед Етем и Надир Усеин како негациски тим.
Учесниците на дебатата дадоа свои препораки за тоа што треба да се направи од страна на жените, невладиниот сектор и државата со цел да се намалат ограничувањата за кои се испостави дека не се малку, ниту пак дека треба да се занемарливи.
Младите учесници на дебатата упатија моќна порака дека сепак традиционалните вредности по кои е препознатлива ромската заедница, кои во исклучителни ситуации се стереотипни, сепак ги „туркаат“ жените Ромки кон дното на општествениот живот, а семејното насилство за кое добиваат минимална или најчесно формална поддршка на хартија сериозно ја позиционираат таму - на најдолната очајна линија во системот.