Хелсиншки Комитет :Корупцијата останува еден од најсериозните проблеми - неопходна е вклученост од сите за да се случи позитивна промена
На Меѓународниот ден на борбата против корупција, 9 Декември, констатираме дека корупцијата и одлучувањето при постоењето на судир на интереси претставуваат феномени кои во значителна мера остануваат неказнети, а перцепцијата на граѓаните е дека борбата против корупцијата не дава задоволителни резултати.
Уште повеќе, Република Северна Македонија континуирано бележи значителен пад на ранг листата на индексот за перцепција на корупцијата - сериозен криминал што го поткопува социјалниот и економскиот развој.
Хелсиншкиот комитет за човекови права се вклучува во борбата против корупцијата преку мониторинг на судските процеси за предмети во областа на организираниот криминал и корупцијата; давање на соодветна правна помош на жртвите на коруптивни дејствија; застапување во насока на поголема одговорност и транспарентност на сите институции; настојување да се влијае кон спречување и ставање крај на неказнивоста и да се овозможи кривична одговорност за сите оние кои преку нивните коруптивни дејствија ги загрозуваат индивидуалните слободи и права и влијаат врз нарушување на системот на владеење на правото во државата.