Поминаа 81 година од крвавиот јануари во Нови сад каде беа убиени околу 1.400 Роми, Срби и Евреи
На 23 јануари се одбележува 81-та годишнина од рациите. Како и секоја година, комеморацијата се одржува на Кејот на жртвите на рациите, во Нови Сад.
Тој крвав јануари во 1942 година некои од главните улици во Нови Сад, православните гробишта и дворовите на семејните куќи, исто така, биле места на кои биле вршени егзекуции.
Официјалните бројки велат дека околу 1.400 цивили биле убиени во Нови Сад, за време на тродневните рации меѓу 21 и 23 јануари 1942 година, но многумина тврдат дека бројката на жртви била поголема, до 4.000 за само три дена. Во рациите, освен Срби, Евреи и Роми, биле убиени и други, вклучувајќи и Унгарци, кои му се спротивставувале на режимот
Насилството во Нови Сад, сепак, не било изолиран инцидент, туку само една од сериите рации во градовите и селата во регионот Бачка, при што биле егзекутирани цивили.
Рациите започнале на 4 Јануари 1942 година, во селото Чуруг, одалечено околу 40 километри од Нови Сад, а потоа се прошириле и во другите градови и села во близина – Жабаљ, Ѓурѓево, Госпоѓинци, Гардиновци, Вилово, Лок, Мошорин, Шајкаши, Кишац, Србобран, Темерин и Бечеј.
Шемата била речиси секогаш иста: унгарската војска, полиција и жандармерија апселе, мачеле и убивале цивили во складишта или училишта, а потоа ги фрлале во замрзнатите реки Дунав и Тиса. Во некои места жртвите биле егзекутирани и на бреговите на реките.