Досегашната стратегија на Европската унија за интеграција на нејзиното најголемо етничко малцинство, Синти и Роми, односно луѓе со ромско потекло - не успеа. По десет години специјална политика за Ромите, ресорната еврокомесарка за европски вредности, Вера Јурова, неделава извлече депримирачки биланс. „Искрено, во изминативе десет години не направивме доволно“, рече Јурова во Брисел. Трајната дискриминација на 6,3 милиони Роми во земјите членки на ЕУ е грда лузна на европската совест, вели Јурова. Ова сега треба да се промени, најави еврокомесарката. Со нов десетгодишен план властите во Брисел сакаат да ги натераат земјите членки да им овозможат и на Синтите и Ромите исти услови за живот, образование и права како и за останатите граѓани.
Притоа, во фокусот веќе не е „интеграција“, туку „инклузија" и еднакво учество на Ромите, се вели во стратешкиот документ на Европската комисија. Под терминот „Роми“ ЕУ ги опфаќа сите групи како Роми, Синти, патувачи и други.
Антициганизмот е посебна форма на расизам и омраза која е сè уште прифатена во многу европски општества, обвинува еврокомесарката за еднаквост, Хелена Дали, која ја претстави новата иницијатива во Брисел.
Криминализација и маргинализација на Ромите не смее веќе да се случува. На пример, 52% од сите Французи се чувствуваат крајно непријатно во соседство на Роми или патници Ова го покажа студијата на Европската Агенција за основни права и слободи.
Еврокомесарката Јурова раскажува дека при посети во словачки села со Роми била потресена бидејќи многу луѓе немаат пристап до тоалет, ниту до вода.
Се бара членките законски да бидат обврзани за спроведување на стратегијата. Еврокомесарките не отидоа толку далеку. И во следните десет години се упатени на добрата волја на членките на ЕУ. Во стратегијата за Ромите треба да бидат дефинирани само „минимални цели”. Ако членките не ги постигнат, не се предвидени санкции.