Стево Пендаровски на вториот круг од претседателските избори освои победа со 436.212 гласа или 51,66 отсто од гласовите на граѓаните кои излегоа на гласање, наспроти противкандидатот од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, Гордана Силјановска Давкова, која освои 377.713 гласови или 44,73 отсто од вкупниот број.
Стево Пендаровски е роден на 3 април 1963 во Скопје. Тој е дипломиран правник на Правниот факултет при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Магистрирал на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања (ИСППИ) при истиот универзитет на тема „Новата геополитика на Република Македонија: Контрадикциите на комунистичките и транзициони матрици“, а потоа докторирал на тема „Надворешната и безбедносна политика на ЕУ и малите држави: Рамката на националниот дискурс“.
Тој е професор по меѓународната безбедност, глобализацијата, светската политика и САД, меѓународните организации и институции, надворешната политика и тероризмот, бил раководител на одделот аналитика во Министерството за внатрешни работи и портпарол на МВР, а познат е и по тоа што бил главен советник за надворешна политика во кабинетите на претседателите Борис Трајковски и Бранко Црвенковски. Во 2004 и 2005 година е шеф на Државната изборната комисија.
Во 2014 тој беше кандидатот на СДСМ за претседател на државата, но на изборите загуби од Ѓорге Иванов со 398 илјади гласа.
Тој има сопруга и син.