„Живееме во свет каде што погребите се поважни од покојникот, каде што свадбите се поважни од љубовта, а изгледот е побитен од паметот. Ние живееме во општество каде што се цени амбалажата, а се презира содржината“.
Зависни сме од купување. Нè храни материјализмот, таа желба да се има, да се купува, да се трупа. Понов модел, побрзо, поскапо.
Погребите се поважни од покојникот. Во очаен обид да оставиме добра слика пред останатите, ќе си ги запреме и солзите, ќе си ги задушиме и емоциите. Побитно е каков ручек ќе се послужи, какво цвеќе ќе се постави.
Достоинственото збогување со покојниот стана мисловна именка и нешто толку тажно како погребот се претвори во арена за натпревар и покажување.
Да не зборуваме за свадбите. Сè е поважно од разбирање, довербата и компромисот. Нив ги заменија скапите фризури, шминката, китенките, свадбената торта, предјадењето и машничките на поканите. Небаре тие се неопходни за добар и успешен брак.
Свадбата како настан е поважна од љубовта. Љубов може и да нема – свадба мора да има!
И конечно, ќе се погледнеме меѓу себе, како одамна заборавени стари пријатели, ќе си ги исклучиме телефоните и ќе започнеме да се однесуваме како луѓе, а не како роботи.