Ромките од српска и македонска националност го основаа првото здружение на жени Ромки регистрирано во Германија.
Основните постулати на Здружението на жени Ромки се зајакнување на положбата на жената Ромка во семејството и општеството, борбата против насилството, принудните и раните бракови, како и семејното и сексуалното насилство.
За формирање и регистрација на ова здружение помогнаа српскиот конзулат во Дизелдорф, генералниот конзул Пранислава Периќ и Центарот за интеграција на Ромите.
Периќ рече дека заедно со Центарот за интеграција на Ромите (RICOM) дошла до идеја жените Ромки да се организираат и за прв пат во историјата на Северна Рајна-Вестфалија да создадат здружение кое ќе се занимава со теми кои се исклучиво во интерес на Ромките.
Претседателката на Здружението на жени Ромки, Сонѓул Ахмед, за Танјуг изјави дека најголемиот проблем за жените Ромки е јазичната бариера.
„Државата има програми за интеграција, но тие програми не се достапни за нашите жени и видовме дека нема резултати. Има жени кои со години живеат во Германија, но сепак имаат проблеми да најдат добра работа или да се образуваат“, истакна таа.
Ахмед вели дека проблем не се само државните институции, туку и нивните заедници.
Здружението моментално брои 13 членови, а нивното седиште е во Дизелдорф.
Здружението на жени Ромки е создадено како огранок на Центарот за интеграција на Ромите, организација која во своето двегодишно постоење воспостави контакти и соработка со важни институции во Северна Рајна-Вестфалија.