Регулаторната комисија за енергетика ги прави последните подготовки за најавеното зголемување на дневната евтина тарифа на струјата. Информациите кои досега се познати во јавноста се дека од први ноември граѓаните наместо до 15 часот, поевтина енергија ќе користат до 16 часот. На сила останува евтината тарифа во ноќните часови и секако денот недела.
„Ние имаме добра намера во идејата да ослободиме уште еден дополнителен час евтина тарифа од која најмногу бенефит секако ќе имаат пензионерите. Но во исто време мора да водиме сметка да има сигурна и стабилна испорака на електрична енергија и системот да се стабилизра сериозно за да може да изгради простор за понатамошни можни екстерни шокови. Она што загрижува е што изминатите неколку месеци берзанските цени на електричната енергија во регионот се повисоки од цените на берзите во Западна Европа и во Скандинавија. За оваа состојба побаравме да се вклучат и од Енергетската заедница“, велат од Регулаторната комисија за енергетика.
Првиот човек на регулаторна Марко Бислимовски неколку недели пред да ја објави цената на струјата за вторите шест месеци од годинава соопшти дека се прават планови периодот во кој граѓаните ја користат дневната евтина тарифа, да се зголеми. Односно наместо од 13 до 15 часот, да биде до 16 часот. Па Бислимовски на пресконференцијата на која се објави новата цена на струјата потенцираше дека таа поволност домаќинствата би ја имале од номеври.
Инаку евтина тарифа домаќинствата имаат и во ноќните часови, односно од 22 до седум часот наутро. И секако 24 часа во недела.