Д-р Џемиле Берат, првата лекарка Ромка во Македонија, психијатар во пензија ја промовираше својата автобиографска книга „Мојот сон“ во родниот град
„Имав среќа да се родам, да учам и да се оформам како личност во Крива Паланка. Да не беше мојот роден град и моите кривопаланчани немаше да стигнам до успехот и да бидам таму каде што сум денес. Имав поддршка и помош од сите, од децата, наставниците, соседите и пријателите, сите растевме заедно, не се правеше разлика. Старите кривопаланчани беа благородни и добри луѓе“, рече д-р Џемиле Берат, првата лекарка Ромка во Македонија, психијатар во пензија, на промоцијата на својата автобиографска книга „Мојот сон“ во родниот град.
На промоцијата во Центарот за култура присуствуваа многу пријатели, роднини, соученици, познаници и сограѓани со кои Берат дели заеднички спомени и моменти од нејзиното детство и младост. Автобиографијата во која пишува за својот трнлив животен и професионален пат, но и за вербата, истрајноста и постигнатиот успех, ја напишала во најтешкиот период од нејзиниот живот, по смртта на сопругот Бајрам, исто така лекар, а ја посветила на нејзиниот брат Себо.
– Мојот сон ќе останеше само сон и немаше да го остварам да не беше постојаната помош и поддршка, од мојот брат Себо – Мечка, кој веруваше во мене. Секако, многу сум и благодарна и на мојата мајка Гана, која иако неписмена знаеше да го цени образованието и во 1976 година дозволи да одам сама во Скопје и да студирам на Медицинскиот факултет. Иако немавме пари, живеевме само од семејна пензија и често бев гладна. Јадев компири 10 дена зашто немав пари да купам леб. Но, секогаш се мотивирав дека мора да издржам и да успеам, а бев и стипендист на тогашниот Титов фонд – го сублимира Берат својот животен пат.
Таа посочи дека од Крива Паланка, иако е мал град, излегле најголем број факултетски образовани Роми во Македонија. Берат своето семејство го нарекува авангарда на ромската интелигенција, бидејќи во него има 4-ца лекари специјалисти, а нејзиниот син Давид е доктор на науки.
Со „Мојот сон“ сакала да остави трага за своите корени, семејството и животот за кој вели дека бил и тажен, и среќен, но на крајот успешен. Во неа зборува и за предизвиците на војната во Хрватска, воениот конфликт во Македонија, пандемијата, кога и нејзиниот живот бил во опасност, како и за дискриминацијата со која се соочила како Ромка лекарка. Истовремено, делото претставува и хронологија за кривопаланечкиот живот во минатите времиња.
Според промоторката Марица Николовска, книгата на д-р Џемиле Берат е важен придонес на книжевната дејност и е пример за посветеност на поединецот кон општествените и хумани принципи, својствени за авторката.
– Таа дава хронолошки приказ на нашиот роден град, сè што сме доживеале во детството, во младоста, се препознаваат старите паланчани, улици, старите дуќани. Но, и турбулентните времиња, премрежиња, војни што ги доживеала нашата генерација – истакна Николовска.
Берат не ја продава книгата, туку собира донации на промоциите во Скопје и Крива Паланка, а средствата се доделени на тројца одлични и посветени ученици од сиромашни семејства, од ромска, албанска и од македонска националност.
Промоцијата ја организираше Центарот за култура од Крива Паланка како дел од манифестацијата „Крива Паланка – Град на културата 2024“.