Бездомништвото е длабок напад врз достоинството, социјалната исклученост и правото на живот. Тоа е (prima facie) на прв поглед повреда на правото на домување и крши голем број човекови права. Луѓето кои се соочуваат со бездомништво, дури и кога се сместени во Центрите, имаат потреба од храна, работа, здравствена заштита и поддршка за менталното здравје и траумите кои ги доживеале.
Последен пат кога беше направено глобално истражување – од страна на Обединетите нации во 2005 година – се проценува дека над 100 милиони луѓе биле бездомници ширум светот. Дури 1,6 милијарди луѓе немаат соодветно домување (Хабитат, 2015). Во 2021 година, Светскиот економски форум објави дека без свој дома има 150 милиони луѓе ширум светот.
Од ова појава не е исклучена ниту Северна Македонија, каде засолниште дават Црвениот крст и институции во рамките на Министерството за труд и социјални работи.
Од Пунктот за бездомници во скопски Момин Поток велат дека до сега од кога е отворен пунктот веќе 15 години наназад, немале случај со смртен исход во стационарниот дел за време на зимскиот период. Тие истакнуват дека истражувањето кое е спроведено од страна на нивниот стручен тим кој посветено работи во пунктот за бездомници, покажува дека за едно лице да стане бездомник се следниве причини: Адиктивната природа на бездомниците кон алкохол, наркотични супстанци, хазардни игри, психијатриските болести, сиромаштијата и социјалната ислученост, невработеноста и имотно-правни нерешени прашања.
Како најзастапена група е машката популација. Не се исклучени и жените бездомнички, но нивната бројка е многу помала во сооднос со мажите бездомници, каде процентуално соодносот е 80:20, велат од Пунктот за бездомници.
Најчесто бездомниците се индивидуалци, на просечна возраст од 55 години, кои се со слаби неразвиени семејни релации, а во најголем случај и воопшто тие релации ги немаат. Поретко се застапени бездомничките семејства кои ги користат услугите во пунктот за бездомници.
Link: https://civilmedia.mk/bezdomnitsite-vo-trka-so-zhivotot-vo-uslovi-na-surova-zima-i-siromashtija/