„Ромите во Европа имаат десет години пократок животен век и повисока стапка на смртност на доенчиња од другите“ – ова е заклучокот од актуелниот извештај за човекови права, во кој се повикуваат политичарите да преземат акција.
Ромите и Синтите се најголемото малцинство во Европа - и тие се во најлоша позиција. Ова го потврдува и новиот извештај кој сеопфатно ја документира состојбата на ромските заедници во Европа. Извештајот го објави Европската мрежа на ромски организации ЕРГО, а неодамна беше претставен од шведската политичарка Сораја Пост. Истакнатиот ромски активист беше пратеник во Европскиот парламент од 2014 до 2019 година. Таа е членка на мрежата ЕРГО, која обединува ромски организации од над триесет земји.
Сегашниот извештај на ЕРГО, меѓу другото, покажува дека во здравствениот сектор Ромите немаат ист третман како другите граѓани. Така, 22 отсто од припадниците на ромската заедница имаат хронични заболувања, а секое четврто лице нема здравствено осигурување. Овие податоци доаѓаат од национални студии и потврдуваат дека Ромите имаат потежок пристап до здравствена заштита во неколку земји од ЕУ.