Граѓаните од земјите на Западен Балкан имаат еднакво ниска доверба кон власта и кон опозицијата. Во Црна Гора 80 отсто од граѓаните веруваат дека власта може да се смени на избори, во Босна и Херцеговина и во Србија тој процент е околу 43 отсто, додека во Косово 56 отсто од гласачите веруваат дека е можна промена на власта на изборите. Најголема пречка за слободни и фер избори во земјите од регионот е притисокот врз гласачите.
– Во сите анкетирани земји, освен во Косово, релативното мнозинство на испитаниците верува дека опозицијата не е добро организирана. Во просек околу 48 отсто од испитаниците веруваат дека опозицијата е целосно неорганизирана – се наведува во извештајот. Најнеповолно мислење за опозицијата има во Србија, каде што 83 отсто од анкетираните искажале незадоволство од организирањето и дејствувањето на опозициските партии.
Општата политичка апатија кај граѓаните што владее на Балканот се гледа и во Македонија. Според последното истражување на МЦМС, чии резултати беа објавени на почетокот на годината, над 40 отсто од анкетираните се изјасниле дека нема да излезат на гласање или ќе го поништат гласачкото ливче (23,8 отсто) или одбиле да дадат одговор за кого би гласале (17,5 отсто). Ова покажува дека неопределените се најголемата политичка сила во земјата и се многу пред водечките политички партии во земјата. Двете најголеми партии, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, имаат речиси идентичен рејтинг, кој и за двете партии е историски најнизок, покажало ова истражување.