Станарите кои живеат во старата куќа, а на штипјани позната како „Старо забавиште“, која вчера изгоре во пожар добија хуманитарна помош од Општинската Организација на Црвен Крст-Штип. Викторија Милановска секретар на ОО Црвен Крст-Штип вели дека до секое семејство е дистрибуирана помош, која се состои од пакет со храна, основни хигиенски производи, постелнина, топла облека и обувки.
-За тридетното семејство со членови помали од три години беа обезбедени и бебешки пакети. Остануваме во постојана комуникација со институциите на системот Центарот за социјални работи и Општина Штип, за да делуваме согласно потребите и можностите, вели Милановска.
Дел од штипски семејства кои биле вселени во оваа куќа веќе се згрижени кај свои роднини и пријатели, а мал дел останале во објектот. Од Општина Штип велат дека за оние семејства кои биле легално вселени решението за нивното сместување е со изградбата на типските куќи со европски пари во населбата Света Недела. По завршување на сите постапки се очекува Општината и наскоро да го реализира проектот, со кој се предвидуваат изградба на сто, а на самиот почеток ќе бидат реализирани 47 типски куќи.