Во организација на асоцијацијата „Романо Ило“ од Скопје, а под покровителство на Министерството за култура, од 16 до 19 октомври ќе се организира ромска театарска манифестација, во која ќе се презентираат девет премиери и една бонус претстава од 1989 година. Во програмата на фестивалот учествуваат театарски екипи од Северна Македонија, Србија, Косово, Романија и од Германија. Покрај театарските ансамбли од наведените земји, своја монодрама ќе презентира и светската ромска фолмска актерка Алина Сербан, позната по филмот Gipsy Queen.
Исто така, на годинешното издание на фестивалот ќе учествува и Неџо Осман со претставата „Рукели“. Познати режисери што ќе учествуваат на фестивалот се Нада Кокотовиќ од театарот ТКО, Жоро Иванов од Бугарија, Џевдед Дода од Косово и Михаел Лукас од Романија и други. Како консултант на фестивалот се појавува името на култниот режисер од театарот „Пралипе Рахим Бурхан“ од Германија
Поради пандемијата на Ковид-19, годинешното издание ќе биде во комбинирана форма. Некои од претставите ќе се прикажат преку онлајн-платформата romanoilo.mk-garavdemuja и на интернет-страницата на порталот „24 вакти“. Во живо ќе се емитуваат три театарски претстави во градот Скопје и градот Штип со ограничен број публика, не повеќе од 50 луѓе на отворен простор, во согласност со протоколите од страна на Министерството за здравство. На 17 октомври – Сабота во стариот магацин на Славија со почеток од 18:30 ќе биде изведена преставата „Злосторникот„ според сценариото на Даниел Петровски.
Целта на фестивалот е да се мотивираат младите Роми да создаваат уметнички театарски дела. Интенцијата на фестивалот е да ја поттикне младата ромска популација активно да се вклучи во театарската уметност, која треба да служи како алатка за адресирање на проблемите со кои се соочува ромската популација.