Девојче од Скопје се родило без идентитет и умрело на петгодишна возраст без идентитет. Мајката работела, па го оставила девојчето кај пријатели да ја причуваат, но епилогот бил трагичен.
Пријателот се опил, брутално ја натепал малечката, нанесувајќи ѝ тешки телесни повреди од кои починала.
Ова е еден од најтажните примери од стварноста на децата и возрасните во земјава, кои живеат без лични документи. Се раѓаат како фантоми, без да фигурираат никаде во државниот систем и така си заминуваат од овој свет. Без извод од родените не можат да извадат ниту здравствена книшка, поради што здравствената заштита за сериозни и комплицирани медицински дијагнози ја започнуваат доцна, што ја намалува шансата да преживеат.
Таков е случајот со петнаесетгодишникот од Тетово, дете „фантом“, без извод од родените, кој имал карцином на коленото. Со помош на невладината организација „Амбрела“, добил можност преку Министерството за здравство да добие услуги во државната болница, но поради тоа што третманот е почнат доцна, лекарите не успеале да се изборат со болеста.
Овие два случаи се суров показател за тоа со какви проблеми се соочуваат лицата во земјава што немаат лични документи.
ОБСЕ и УНХЦР го поддржаа решавањето на овој проблем, кој официјално го имаат 700 граѓани во Македонија.