Македонски граѓани, поради пасошката криза и рестрикциите во издавањето нови патни исправи, се принудени да откажуваат и туристички аранжмани, но и учество на деловни и спортски активности во странство.
Во МВР велат дека повеќе од 16.000 граѓани поднеле барања и се сликале за нов пасош, но има само 3.600 пати обрасци. Пасоши ќе добијат 650 граѓани кои аплицирале во итна постапка. А од останатите предност ќе добијат само оние кои имаат неодложно лекување во странство.
За биометриски пасош секој граѓанин плаќа по 1.500 денари во редовна постапка, а за пасош по итна постапка се плаќа по 4.800 денари.
Во Хелсиншкиот комитет за човекови права велат дека нудат бесплатно советување за сите засегнати граѓани кои ќе решат да го тужат МВР, кое според Законот за патни исправи е должно да им обезбеди лични документи на граѓаните, но и да ги обештети оние кои претрпеле материјална штета.