Македонците на годишно ниво трошат повеќе вода од жителите на Словенија, Босна и Херцеговина, Бугарија и Косово заедно. Според податоците на Еуростат, трошиме 118,2 кубни метри вода по глава на жител, што нè прави рекордери во регионот со по околу 323 литри вода по жител на ден.
Највисока потрошувачка на вода во Скопје во последните десетина години е регистрирана на 6 август 2017 година, кога според мерењата од градската водоводна мрежа биле потрошени вкупно 353.558 кубни метри, што е околу 640 литри вода по жител.
Максималната потрошувачка низ годините според податоците од ЈП „Водовод и канализација“ Скопје е следна:
2018 – 22 јули 320.338 м3/ден или 582 литри по жител
2017 – 6 август 353.558 м3/ден или 642 литри по жител
2016 – 13 јули 326.504 м3/ден или 593 литри по жител
2015 – 22 јули 329.721 м3/ден или 599 литри по жител
2014 – 8 јули 320.939 м3/ден или 583 литри по жител
2013 – 6 август 331.169 м3/ден или 602 литри по жител
2012 – 9 јули 337.945 м3/ден или 614 литри по жител
2011 – 14 јули 335.185 м3/ден или 609 литри по жител
2010 – 16 август 327.221 м3/ден или 594 литри по жител
2009 – 29 јули 311.352 м3/ден или 566 литри по жител
Според податоците на Еуростат за потрошувачката на вода од јавните водоводни системи по глава на жител, најмногу 94 кубни метри на годишно ниво трошат Грците, а најмалку Романците со 25,1 кубни метри вода годишно.
Од ЈП „Водовод и канализација“ Скопје им препорачуваат на своите корисници и граѓани на Скопје во летниот период водата да ја користат рационално за потребите во домот и да не се злоупотребува за неразумно полевање зеленило, разладување улици, полнење базени и други прекумерни потреби.