Ништо не смее да биде оставено на случајноста, зашто државата ќе ги преземе сите мерки за безбедност на највисоко ниво за посетата на папата Франциск на седми мај оваа година, поради што неофицијално се најавува дека Владата би можела да прогласи и неработен ден. Официјално, оттаму велат дека јавноста навреме ќе биде информирана.
Строгите ватикански протоколи наметнуваат организација како за посета на државници од највисок ранг со строги контроли на безбедност во Скопје. Сите здравствени институции ќе работат само за ургентни случаи, зашто според протоколот за посета на вакви личности, сите здравствени капацитети треба да бидат на располагање.
Полицијата и државните институции ќе имаат целосна контрола на движењето на сите луѓе во деловите каде што ќе се движи папата Франциск за време на неговата десетчасовна посета.
Од МВР велат дека ги преземаат сите потребни мерки за целосно и ефикасно обезбедување на овој историски настан за Македонија.
На мисата кај папата само со влезници. Главниот настан од посетата на папата Франциск на Македонија ќе биде мисата на градскиот плоштад. Сепак, не секој ќе може да дојде на овој настан. Целиот градски плоштад, со сите приоди кон него, ќе биде ограден со посебни пунктови за влегување. На мисата ќе можат да присуствуваат само оние кои претходно ќе обезбедат влезници, кои се бесплатни. Влезниците, практично, ќе значат евиденција на секој што ќе биде на плоштадот.