Со поддршка на Европската Унија во рамките на ИПА акциската програма “Поддршка на Секторот Правда“, изградена е најголемата судница во државата во склоп на Затворот „Идризово“. Целиот овој дел од затворот се простира на 1000 м2 и има капацитет за вкупно околу 120 лица.
Имајќи ја во предвид сериозноста на тешките кривични дела и безбедносните причини, оваа судница со капацитет од околу 120 лица, ќе овозможи судењата на притворените лица за овие случаи да се одвиваат во казнено поправниот дом „Идризово“.
Целта за изградбата на овој комплекс со судница во затворот „Идризово“ е во неа да им се суди на притворени, како и на осудени лица за тешки кривични дела против кои се водат и други кривични постапки, а чиј транспорт до судовите е безбедносно ризичен.
Со тоа, значително ќе се намали ризикот од бегства на притворени и осудени лица за време на транспорт до судовите. Дополнително, со користењето на оваа судница, ќе бидат заштедени значителни средства за транспорт на притворени и осудени лица во судовите, а воедно ќе се растерети и затворската служба и полицијата која учествува во спроводите на овие лица.