Заинтересирани граѓани за остварување на правото на социјална пензија во висина од околу 6.000 денари веќе се обраќаат до центрите за социјални работи низ државата со цел да се информираат какви документи им се потребни за да можат да го остварат ова право.
Право на надоместок имаат сите лица кои се државјани на Република Северна Македонија најмалку 15 години и не примаат старосна пензија, вклучувајќи ги и лицата без ден работен стаж.
За домаќинствата во кои и мажот и жената ги исполнуваат условите за користење на социјална сигурност, надоместокот ќе го користи само еден член бидејќи станува збор за право од социјалната заштита и не е поврзано со пензиското и инвалидското осигурување, појаснуваат од Министерството за труд и социјална политика.
Право на социјална сигурност за старите лица, граѓаните можат да остварат доколку немаат во сопственост имот и имотни права од кои може да се издржува, ако не е корисник на пензија од Република Северна Македонија или вид на исплата по основ на старост, инвалидност или доживување од друга држава и не остварило приходи по сите основи во последните три месеци пред поднесување на барањето.
Право на социјална пензија не може да оствари лице кое со решение на центарот за социјална работа е сместено подолго од 30 дена во установа за вон-семејна социјална заштита, здравствена или друга установа.
Корисникот на социјална пензија има право на паричен додаток заради покривање на дел од трошоците за потрошувачка на енергенси во домаќинството, за месеците од октомври до март.
На корисникот на правото на социјална сигурност за старите лица му се обезбедува и право на здравствена заштита, согласно со овој закон и прописите од областа на здравственото осигурување, доколку не може да се стекне со осигурување по друга основа.