Околу 700 неевидентирани лица во матичната книга на родени со новото законско решение ќе може да ги остварат своите човекови права, односно да имаат пристап до здравство, вработување, социјална заштита и образование, беше потенцирано од Секторот за координација и техничка поддршка на Министерот за труд и социјална политика на завршната конференција „Заедно за еднакви права на децата Роми“ во рамки на проектот “Градење на силни локални мрежи за унапредување на заштитата на правата на децата Роми”.
Според новиот Закон за лица без регулиран граѓански статус, се предвидува УБКМР да го продолжи процесот на трансформирање од привремен електронски регистар во регуларна матична книга на родени.
Од 10 јуни годинава и во наредните 30 дена, ќе се дозволи лицата кои не се евидентирани да појдат до најблиската матична служба и да потполнат прашалник за да влезат во привремениот електронски регистар.
Инаку ова е резултат од проектот кој беше спроведуван од носителите КМОП од Грција и РРЦ од Скопје, каде свој полн придонес имаше и ЗРДИЦМ од Скопје, како и СП БТР продукција кој изработи и еден документарец токму за овој проблем.
Проектот кој се имплементираше во изминатите 18 месеци е дизајниран да ги поддржи локалните механизми за координација и структури кои имаат улога да ја унапредат интеграцијата на Ромите преку унапредување на нивните капацитети за функционална имплементација на иницијативите за заштита на децата Роми кои се во согласност со националните и ЕУ политиките кои ја таргетираат интеграцијата на ромската заедница во Република Северна Македонија.