Кога пред четириесетина години неколку македонски граѓани рекоа дека се Египќани, дека не се Роми, Албанци ниту Турци..., дека имаат свој посебен идентитет и дека е време оваа држава да почне да се грижи и за нив, реакцијата беше - од каде па сега ова?
Но тие формираа здружение и, упорни во својата мисија, влегоа во онаа приказна за борба за човекови права, за малцински права, за грижа од државата. Денеска, еден од нив веќе е пратеник во македонското Собрание, каде што наскоро треба да се донесе и закон во кој и Египќаните ќе добијат свој национален празник.
На Балканот живеат еден милион Египќани, тврдат претставници на нивните граѓански здруженија во Македонија. И Грција, Албанија, Косово, Македонија, Србија, Црна Гора, Бугарија и Босна и Херцеговина Египќаните ги поистоветуваат со Ромите.
Но, велат тие, тоа не е така, ќе продолжиме да се бориме со тие стереотипи и со дискриминацијата.
Египќаните на Балканот се дојдени како колонисти да ископуваат и експлоатираат метали во 13 век п.н.е. Припаѓаат на семејството на семитско-хамити народи, а зборувале на староегипетски јазик, кој денес е изгубен.