Меморијалот на Холокаустот на Ромите и Синтите во Чешка ќе биде отворен на 3 февруари 2024 година во Лета, Писк, на местото на поранешен концентрационен логор каде Ромите и Синтите биле затворени за време на Втората светска војна. По војната, во тоа место била сместена индустриска свињарска фарма.
На прес-конференцијата одржана на 24 ноември во Прага, за плановите за отворање и важноста на самиот споменик говореа претставници на Музејот на ромската култура во Чешка, кои по конференцијата симболично засадија дрвца.
- Денеска садиме дрвца кои ќе бидат дел од спомен обележјето. Оваа новозасадена шума ги симболизира погубените припадници на ромската заедница. Токму оваа шума симболично ќе ги претставува, а како што расте, веруваме дека соживотот меѓу мнозинската заедница и ромското малцинство ќе се подобрува. Тоа малцинство беше заборавено и геноцидот врз нив за време на Втората светска војна беше апсолутно отстранет од историјата на нашата земја - изјави Јана Хорватова, директорка на Музејот на ромската култура во Прага.
Ќе бидат засадени речиси 14.000 дрвја. По еден за секоја жртва. Мешаната шума ќе биде место за размислување и почестување на жртвите од концентрациониот логор за Роми и Синти.
- Исклучително е важно да се одбележи што се случи на ова место. Жртвите на кои се сеќаваме денес често се заборавени, а ова поглавје од нашето минато останува во некаква историска сенка - изјави претседателката на Претставничкиот дом, Маркета Пекарова Адамова.