Градоначалникот на општина Шуто Оризари, Курто Дудуш, за во петок (22 ноември) најави протест пред зградата на Град Скопје од 13.30 часот. Причина за протестот е влошената состојба со јавниот превоз, кој предизвикува огромни проблеми на граѓаните.
– Секојдневно се соочуваме со истиот проблем – луѓето чекаат со часови на автобуските станици. Не можеме да дозволиме нашите деца, жени и старци да трпат на овие минусни температури, по два до три часа чекајќи автобус, кој можеби ќе дојде, а можеби и не – изјави Дудуш во видео обраќање на неговиот профил на Фејсбук.
Тој додаде дека протестот ќе биде мирен и ги повика сите граѓани, без разлика на етничката припадност, да се приклучат, бидејќи проблемот со јавниот превоз го засега целиот град.
– Ова не е проблем само на Шуто Оризари. Ова е проблем кој ги засега сите граѓани на Скопје – потенцираше Дудуш.
Градоначалникот изрази надеж дека протестот ќе поттикне реакција од надлежните институции и ќе се преземат мерки за подобрување на јавниот превоз во главниот град.
Жителите на Шуто Оризари се соочуваат со огромни предизвици поради недостигот од јавен превоз, особено во последниве студени недели. Неможноста да се стигне навреме на работа, на училиште или на лекар ги принудува граѓаните да бараат алтернативни решенија, како делење трошоци за такси, што значително го оптоварува нивниот буџет.