Во Собранието се донесени измени на законите за престојувалиште и живеалиште и за лична карта со кои се решава бездржавјанството во Македонија.
Новините предвидени со Законот за пријавување на живеалиштето и престојувалиштето на граѓаните и со Законот за личната карта се од посебно значење за граѓаните кои се засегнати со овие проблеми, а за кои Комисијата за политички систем организираше и надзорна расправа во февруари годинава, кога беа донесени заклучоци со кои Собранието ја има надзорната улога за имплементацијата на Законот за матичната евиденција.
На овој начин, овие неевидентирани лица – т.н. фантоми сега ќе можат да ги остварат своите основни човекови права, со што Македонија ќе биде прва во Европа и во светот која го има решено статусот на бездржавјанството.
Донесените интервенции во посочените закони се гаранција дека во земјава нема да се повтори ситуација со лица без државјанство, затоа што системски е решено секое дете родено на територијата на Македонија да биде запишано согласно членот 4а од Законот за матична евиденција. Поради ова Рома Тајмс упатува искрени честититки до сите вклучени во процесот, особено до пратеничките Љатифе Шиковска, Санела Шкријељ, Снежана Калеска Ванчева, Соња Мираковска и Жаклина Лазаревска, до државниот секретар на МП - Мухамед Точи и до советникот на Премиерот - Елвис Мемети, Мрежата за системски и трајни решенија и воедно до сите други росмки НВО за нивната заложба во решавање на проблематиката со лицата без документи.