Меѓународната невладина организација „Хабитат Македонија“ и Општина Куманово потпишаа меморандум за соработка, за финансиска поддршка на Детален урбанистички план (ДУП) на локацијата Османов рид, спроти Спомен-костурницата.
„Хабитат Македонија“ ќе финансира изработка на ДУП во „Османов рид“, заради подобри услови за домување
Со овој проект ќе има и други активности во Општина Куманово, како дел од поголема петгодишна кампања на „Хабитат“ во која е вклучена и Општина Шуто Оризари.
„Целта е всушност договор со кој „Хабитат Македонија“ презема обврски да финансира еден ДУП, конкретно за локацијата Османов Рид. Тука имаме голем број на изградени градби, но има и голем број на слободни парцели каде има интерес за градба. Овој дел на градот не е урбанистички решен со ДУП, и мене ми е многу мило што организацијата излегува во пресрет и ќе го покрие финансискиот дел за изработка на Деталниот урбанистички план“, изјави градоначалникот Максим Димитриевски.
Промоцијата на проектот „Домот е еднаквост“ се совпадна со Меѓународниот ден на домувањето, кој се одбележува во првиот понеделник во октомври. Со најновата кампања треба да се подигне јавната свест за домот како основа за понатамошен развој на луѓето за економски, здравствен, образовен и друг аспект.