Сите деца родени на територијата на Македонија кои се напуштени, или пак нивните биолошки родители не знаат точно кој ден и месец ги родиле, ќе добијат роденден на 1 јануари. Така овие деца, претежно Роми на улица, ќе добијат за првпат и матичен број, објавија дел од медиумите.
Новиот Закон за матична евиденција, донесен во брза постапка во Собранието минатата недела, натаму вели дека ако и годината на раѓање на тие деца не се знае, тогаш сведоци на породувањето под полна материјална и кривична одговорност, ќе кажат пред МВР и пред Министерството за правда за годината, а по можност и за точниот датум на раѓање.
Ако за таквите деца нема ни сведоштво, тогаш медицинско лице ќе ја утврдува возраста, предвидува дополнувањето на Законот. Опфатени се сите опции само овие деца за првпат да добијат матични броеви.
Најголемата новина е додадениот член 4-а, и гласи:
„Секое дете родено на територијата на Република Северна Македонија има право на упис во матична книга на родени веднаш, а најдоцна 45 дена од денот на раѓањето на детето, независно од државјанството и личниот статус на неговите родители“.
На лицата кои што се пријавиле на јавниот повик и се запишани во Евиденција на неевидентирани лица, кои се околу 700 на број, сите Роми, по дополнителните проверки, уписот ќе им се изврши најдоцна до 31 декември 2023 година.