Адвокат со брилијантен интелект, човек со изразено чувство за правда, жесток противник на нацизмот и фашизмот, интелектуалец кој зборувал неколку европски јазици, вљубеник во класичната музика и во поезијата на Рилке, вака ја опишуваат историчарите личноста на Ханс Литен, познат во историјата како адвокатот кој доблесно ги бранел правата на граѓаните и работниците, биејќи ја битката против нацизмот и во судницата, каде што со своите аргументи успеал лично да го понижи и Хитлер.
Ханс Литен е роден 1903 година, во Хале, во семејството на Ирмгард и Фридрих Литен. Љубовта кон правото ја наследил од својот татко Фридрих Литен, истакнат германски правник и почитуван професор, декан и ректор на Универзитетот во Кенигсберг, каде што предавал римско и граѓанско право.
Биографите на Литен пишуваат дека неговата мајка кај него го разбудила интересот за уметноста, но и чувството за праведност и правичност. Воспитан во таков дух, Литен во текот на својата младост го отфрлил општествениот опортунизам и, заедно со неговиот пријател писателот Макс Фирст, ги прифатил револуционерните и социјалистичките идеи.
Иако, првично сакал да студира историја на уметноста, тој набрзо констатирал дека преку адвокатурата, особено во делот на правосудството, практично може да се посвети на одбраната на правата на граѓаните и работниците.
Link: https://akademik.mk/hans-liten-germanskiot-advokat-koj-im-se-sprotivstavi-na-fashizmot-i-natsizmot/