По осум дена битка за живот, почина 16-годишниот Ром кој беше застрелан од полицаец за време на полициска потера во Солун.
Од болницата каде што беше хоспитализирано во критична состојба, вчера соопштија дека момчето починало и покрај напорите на лекарите.
Во коматозна состојба, со рана во пределот на главата од огнено оружје, момчето, во солунската болница било примено на 5 декември во два часот по полноќ, веднаш било оперирано и пренесено на интензивна нега, каде што во изминатите денови се лекуваше, но им подлегна на повредите.
Минатиот понеделник 16-годишниот застанал на бензинска станица, наполнил бензин за 20 евра, побегнал без да плати и веднаш била информирана полицијата, по што полицајци со мотори го бркале возилото управувано од момчето, кое откако не одговорило на барањата и наредбите да застане, според медиумите, било застрелан во пределот на главата од еден од полицајците.
Полицаецот, кој пукаше во момчето во петокот беше изведен пред истражен судија во Солун и според грчките медиуми, рекол дека дејствувал во самоодбрана, поради опасноста во која биле неговите колеги кога малолетниот возач се обидел да ги удри со својот автомобил, а во однос на истрелите посочил дека нишанел ниско кон гумите, а не кон возачот.
Полицаецот е во домашен притвор, а дополнително ќе биде одлучено дали ќе биде пренесен во некој од грчките затвори.
Министерот за цивилна заштита на Грција надлежен за полицијата Такис Теодорикакос преку Твитер изрази „длабоко жалење за смртта на 16-годишното момче и сочувство до семејството“.
-Повторувам дека случајот го истражува правдата, која е единствено надлежна да ги оцени фактите и да суди за одговорностите. Сите да го почитуваме тоа, напиша Теодорикакос.
Минатата седмица, поради случајот, во повеќе ромски населби како во Атина, така и во Солун, Ромите предизвикаа сериозни инциденти.
Инаку ИРУ и нејзиниот претседател Зоран Димов поповод овој настан уште на пред една недела испрати реакција до официјалните грчки власти (конкретно до Амбасадата на Република Грција во Скопје), но за жал сеуште нема никаков одговор од грчката страна поповод овој случај.