Социјалци, семејства со лица со посебни потреби, Роми и други ранливи категории од Гостивар се во исчекување на конечниот одговор: Ќе добијат ли стан во зградата за социјални домувања?. Огласот за конкурирање беше затворен пред еден месец, а според последните информации кои Gostivarpress.mk ги доби од Министерството за транспорт и врски, поднесени се 196 комплетни апликации, во тек е нивно прегледување, по што ќе следува прелиминарна распределба.
Социјалната зграда се наоѓа на улицaта „ЈНА“, покрај Кејот на Вардар. Становите кои ќе се доделуваат се со површина од 33 до 44 метри квадратни.
По распределбата становите ќе останат во сопственост на државата, а семејствата што ќе ги добијат ќе бидат само корисници.
После пет години институциите ќе извршат контрола и доколку семејството излегло од социјален ризик, станот ќе биде доделен на друго ранливо семејство. Тоа се прави со цел да се згрижат оние кои реално имаат потреба и да спречат обиди за манипулација, односно препродажба на становите.
Зградата беше изградена пред околу 3 години, а 70-те станови се‘ уште се празни.
Link: https://gostivarpress.mk/vo-ischekuvane-koj-ke-dobie-kluch-od-soczijalnite-stanovi-vo-gostivar/