Пациентката кај која како прва беше откриен корона вирусот, останува до сега единствена. Нејзината општа здравствена состојба е добра и стабилна, не покажува знаци на евентуални идни компликации и можеме да кажеме дека влегува во фазата на опоравување, истакна на денешната прес-конференција министерот за здравство д-р Венко Филипче.
Лицата кои биле во контакт со оваа пациентка се сѐ уште во домашна изолација под медицински и безбедносен надзор, и тој процес се одвива во позитивна насока.
Министерот Филипче информираше дека Комисијата за заразни болести при Институтот за јавно здравје, препорачала да биде разгледана опцијата за ограничување на поголеми јавни собири, се со цел да се превенираат можностите за контакт со лица кои доаѓаат од областите во другите земји каде што е прогласена епидемија од корона вирусот.