На 7 мај, во Скопје за прв пат ќе допатува Папа Франциск. Неговата посета се смета како историска, бидејќи се совпаѓа со 25 годишнината од воспоставување на дипломатските односи меѓу Северна Македонија и Ватикан.
Неговата агенда ќе започне од утринските часови, а се очекува во Скопје да дојдат многу домашни и странски поддржувачи на Папата.
Скопје на 7 мај ќе биде блокирано, но државниот секретар, Виктор Димовски, вели дека безбедноста во земјата ќе биде на максимално ниво.
И од МВР известуваат дека ги преземаат сите потребни мерки за целосно и ефикасно обезбедување на настан и високиот гостин.
По официјалниот пречек, Папата Франциск ќе се сретне со претседателот, Ѓорге Иванов, премиерот, Зоран Заев, со претставници од граѓанскиот сектор и со дипломатскиот врв. Во текот на неговиот престој, тој ќе се сретне и со верските поглавари и со сиромашни. Во програмата за апостолското патување на Папата во Северна Македонија, предвидено е да се одржи и литургија, а се очекува да учествува и на екуменскиот и меѓуверскиот собир со младите. Папата Франциск, неговото 29-то апостолско патување ќе го заврши во попладневните часови на 7 мај, со средбата што ќе ја оствари со свештениците и нивните семејства, по што ќе се врати во Рим.