13-годишната Џесика Мемишовска која се удави во базенот Довеџик кај Битола обидувајќи се да ја спаси својата 12-годишна братучетка, со која заедно се капеле, раскажуваат роднините на девојчето.
Џесика знаела по малку да плива, а со нив имало и други деца, сите од битолската дива населба Картон Маало, која се наоѓа во близина на базенот.
„Тие се капеле, како што ми кажуваше ќерка ми. Прво во вода рипнала Џесика, а по неа девојчето мое, Медина Камбер. Кога таа скокнала, почнала да тоне, да се дави. Џесика се спуштила да ја спаси братучетка ѝ, но при кревањето пропаднала, а моето девојче го извадија.
Во тоа помогна и една друга жена која се најде таму, а имало и други капачи. Моето девојче почна да вика ‘братучетка ми е долу’ и потоа водата го исфрли телото на внуката“, рече Нехру Камбер, чичко на починатото девојче.
Базенот со кој стопанисува приватен концесионер сѐ уште не е отворен за посетители сезонава. Но, роднините на девојчето обвинуваат дека внатре може да се влезе без проблем.
Прашуваат зошто немало обезбедување и бараат одговорност за трагедијата. Велат додека децата се капеле, околу имало луѓе кои го подготвувале теренот за летната сезона, што значи дека не биле сами.
„Со нив имало и други деца. Ако некој ги спречеше, немаше да влезат внатре. Морало да има обезбедување, објектот морало да биде добро заштитен“, рече Камбер Максимид, чичко на девојчето.
Од „Стрежево“ рекоа дека базенот е издаден под концесија уште од претходното раководство и дека по ова, детаљно ќе ја разгледаат документацијата од договорот.