Дел од приватните автобуски превозници во Скопје до крајот на оваа неделка ќе возат само до 10 часот наутро. Ова е, како што велат, предупредување и бараат исплата на финансии за да можат да продолжат да возат. Според нив, од јануари годинава имаат земено само дел од средствата и оти не им се исплатени пари за услугата што ја даваат.
Дел од нив, како што велат, имале средба со директорот на Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“, кој сега веќе е разрешен од функцијата, а од кого добиле ветување дека постепено ќе им се исплаќаат заостанатите средства. На тој начин, како што велат, до септември целосно ќе им бил исплатен долгот.
За тоа што ќе се случува по неговото разрешување велат дека немаат никаква најава.
Приватните превозници во ноември 2022 година престанаа да бидат дел од градскиот јавен превоз поради долгови што бараа да им бидат исплатени од Град Скопје. Кон крајот на ноември и почетокот на декември со повеќе од 300 автобуси паркирани на клучните крстосници го блокираа главниот град.
Градоначалничката Данела Арсовска негираше дека градот има долг кон приватниците, а минатата година рече оти е сигурна дека Град Скопје може да функционира без приватни автобуски превозници.