На 17 јуни околу 22:30 беше пријавено дека имало крвава тепачка на две поголеми групи во населбата Злокуќани во ромското маало. Биле употребени лопати, секири, ножеви… (за среќа извадениот пиштол не успеал сопственикот да го репетира).
Масовната тепачка избила поради нарушени меѓусоседски односи. Во физичката пресметка биле вклучени и тројца малолетници. Во тепачката се повредени 10 лица и сите завршиле во Ургентниот центар во комплексот клиники „Мајка Тереза“, каде подоцна продолжила физичката пресметка меѓу двете групи.
Во соопштението на МВР се вели: „На 17.06.2024 во СВР Скопје било пријавено дека во 22.30 часот на подрачјето на Карпош, поради нарушени меѓусоседски односи, настанала физичка пресметка помеѓу Ф.Ј.(22), Б.Ј.(39) и тројца малолетници од една страна и Е.Г.(52), Г.Г.(23) и Х.Т.(29) од друга страна, сите од Скопје, при што биле употребени тврди и метални предмети.Подоцна било пријавено дека околу 01.55 часот во Ургентниот центар во Комплексот клиники „Мајка Тереза“, додека Д.Ј.(52) со роднините С.Ј.(25) и И.Д.(38) чекал резултати за неговиот повреден син во претходната пресметка, биле физички нападнати од Е.Г.(52), Б.С.(43), А.С.(48), Б.С.(44) и И.Г.(36), при што употребиле метални и тврди предмети.Набргу, по преземени мерки, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје на подрачјето на Центар ги лишиле од слобода Е.Г., Б.С., А.С., Б.С. и И.Г.. Додека, во Полициската станица Карпош биле приведени Ф.Ј. и Б.Ј. и тројцата малолетници.По целосно документирање на случајот против лицата ќе биде поднесена соодветна пријава“ – стои во известувањето од МВР.