Телото на 19-годишниот Мемет Камбер, кој почина на 24 мај во болница без никакви лични документи, сѐ уште е во капелата во Бутел.
Поради тоа што Мемет немал никаков документ за идентифијкација, телото не може да биде предадено. Единствен начин за да се потврди дека роднините навистина биле крвно поврзани со него, што е предуслов да им биде предадено телото, е најблиските роднини кои живееле со момчето да направат ДНК-анализа, на чии резултати сега чекаат.
Мајката на Мемет го напуштила, по што живеел во семејството на вујкото, а не му давале лична карта затоа што немал имотен лист за куќата во која живеел, а била дивоградба. Тој имал тешки здравствени проблеми кои постојано се влошувале, но не можел да се лекува, бидејќи немал ниту пари, ниту документи. Лекарите кои го примија пред да почине, изјавија дека најверојатно никогаш не примил никаков третман за здравствената состојба од која починал. Од друга страна во Министерството за здравство нема никаква пријава за случајот со детето Мемет Камбер, информира министерот за здравство Фатмир Меџити.