Матурантот Тони Сали, кој цела деценија водеше битка со Управата за водење матични книги за добие матичен број и Извод на родени, почина завчера на 19 години. Не дочека да биде запишан некаде во оваа држава дека постои, дека е жив. За првпат неговите осум букви се појавија вчера, во службената евиденција на МВР, но како починато лице. Тони нема да добие ни посмртница. Како да не постоел. Единствен документ и доказ дека постоел, ќе останат неговите петки од прва до последна, освоените домашни и меѓународни награди од натпревари и свидетелствата. Тони е роден во Македонија, во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, со час време и место на раѓање. Имал живи биолошки мајка и татко, т.е. со сите исполнети услови да биде запишан во Матичната книга на родени. Од пред две години Тони и родителите добија бесплатна правна помош преку министерот за правда Бојан Маричиќ. Адвокатката Тамара Славеска – Апостоловски ја водеше битката пред институциите, пред Управата за водење матични книги, Второстепената државна комисија, Управниот и Граѓанскиот суд. Вели дека папката со неправди што му ги стори оваа држава на Тони Сали ќе продолжи да ја полни за пред Европскиот суд за човекови права и слободи во Стразбур. Но Сали веќе не е жив да ја тера правдата. Како никогаш да не постоел.