Ресторан со рекреативен базен во Општина Шуто Оризари на својата огласна табла имал натпис „Вторник само за Роми“ не дозволувајќи им да се рекреираат во останатите денови од неделата на жителите од ромската заедница со што директно ги дискриминирал врз основа на етничката припадност и бојата на кожата, јазикот и расата.
Ова го утврди Комисијата за спречување и заштита од дискриминација по претставката поднесена за случајот од минатото лето кога млади Роми не биле примени да се рекреираат во базенот на ресторанот.
Во претставката до Комисијата се вели дека во комплексот влегувале сите граѓани, освен Ромите за кои и усмено и писмено било нагласено дека се пожелни само во вторник.
„Комисијата при анализата во предвид го зеде натписот кој бил огласен на табелата во базенот „Вторник само за Роми“. И покрај тоа што во одговорот се негираат сите наводи во претставката, Комисијата смета дека самото објавување на објава со таква содржина се веројатни докази од кои може да се утврди дека од страна на базенот е направена директна дискриминација врз лица од ромска националност поради нивната етничка припадност и боја на кожа на начин што не им е дозволено користење на објект кој преставува јавен објект и до кој имаат пристап сите граѓани“, објаснија од КСЗД.
Комисијата им препорача на вработените и на сопственикот на ресторанот да не го повторат ваквото однесување кон било која етничка заедница и да не постапуваат со предрасуди кон лицата од ромска националност.