Од 1 јули годинава ќе започне издавањето на новите патни исправи на државјаните на земјава со новото уставно име, предвидува меѓу другото Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за патните исправи на државјаните на Република Северна Македонија, кој помина денеска во прво читање на седницата на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците.
Предлог-законот на седницата помина без расправа и беше даден на натамошно постапување.
Обрасците на патните исправи и на визите, се посочува, се печатат на македонски јазик и неговото кирилско писмо, со превод на англиски и француски јазик и нивното писмо. Податоците кои се внесуваат во патната исправа се запишуваат на македонски јазик и неговото кирилско писмо и на основно латинично писмо, освен интернационалните ознаки (кодови), што се запишуваат согласно со утврдените меѓународни стандарди.