Со 62 гласа „за“, без „против“ и „воздржани“, Собранието го усвои Законот за попис на населението и домаќинствата, кој треба да се одржи во април годинава. Тој само се гласаше за законот, а расправата заврши на 15 јануари, кога немаше кворум за гласање. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ не беа во салата за гласањето. Од најголемата опозициска партија претходно најавија дека ќе собираат потписи од граѓаните за поништување на овој закон.
Со пописот, се пропишува во Предлог-законот за попис, ќе бидат опфатени:
државјани на Република Северна Македонија кои имаат живеалиште или престојувалиште во Република Северна Македонија, без оглед на тоа дали во моментот на пописот се наоѓаат во Република Северна Македонија или во странство;
странски државјани кои престојуваат во Република Северна Македонија со одобрение за престој и
лица без државјанство, кои во моментот на спроведување на пописот се затекнати во Република Северна Македонија.
Исто така, со пописот ќе бидат опфатени домаќинствата на овие лицата и станови и други населени простории.
Со пописот нема да бидат опфатени:
дипломатскиот персонал на странските дипломатски и конзуларни претставништва во Република Северна Македонија и членовите на нивните семејства;
странскиот воен персонал и членовите на нивните семејства, лоцирани во Република Северна Македонија, како и членовите и претставниците на меѓународните организации и институции кои во моментот на пописот престојуваат во Република Северна Македонија и
странските државјани кои во времето на пописот се наоѓаат во Република Северна Македонија заради службен пат, приватна посета, лекување, туристички и слични патувања.
За лицата државјани на Република Северна Македонија кои се на привремена работа или престој во странство податоците ги дава полнолетно лице на кого најмногу му се познати, при што го дава својот ЕМБГ и ЕМБГ на лицето за кое дава податоци во пописот.
За лицата државјани на Република Северна Македонија кои се на привремена работа или престој во странство ќе се овозможи и самопопишување во периодот од 1 март до 21 април 2021 година на посебна апликација која е достапна на веб-страницата на Државниот завод за статистика.
Лицето кое се самопопишува е должно претходно да се регистрира на апликацијата и пополнетите обрасци по електронски пат преку апликацијата да ги достави до Државниот завод за статистика, при што задолжително се применуваат технички и организациски мерки согласно прописите од областа на заштита на личните податоци.