Германија одбележува важен, голем ден од својата нова историја. Една од водечките земји на Европската унија, ја слави 30 годишнина од паѓањето на Берлинскиот ѕид, симбол на поделбата на земјата од времето на Студената војна на комунистички исток и капиталистички запад.
Бетонскиот ѕид што се протегаше на 155 километри во должина и претставуваше граница меѓу Источна и Западна Германија беше изграден во 1961 година. Неговата функција, покрај територијално одделување на двата, идеолошки, спротивставени блока, беше и спречување на бегство на работната сила и политичките неистомисленици.
Ѕидот, покрај физичката поделба на Берлин, го затвори и западниот дел од градот. Проценките се дека при обид за бегство преку ѕидот загинале 140 лица меѓу кои и граничари.