Во понеделник, на 1 април, Гордана Силјановска Давкова, Стево Пендаровски и Блерим Река ја почнуваат кампањата за шестите претседателски избори.
Силјановска-Давкова е претседателски кандидадат на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Стево Пендаровски на СДСМ и коалицијата, а Блерим Река на Алијанса на Албанците и движењето Беса.
Кампањата за претседателски избори ќе трае до 19 април, по што следува 24-часовен изборен молк, пред денот на гласањето.
Според најавите од изборните штабови, кандидатите ќе ги посетат речиси сите населени места, ќе имат средби со граѓани и митинзи во поголемите градови. Ветуваат мирна и фер кампања.
Во пресрет на официјалниот старт на претседателската трка, апели за фер и регуларни избори до кандидатите, политичките партии и граѓаните упати меѓународната заедница, државните претставници и ДИК.
Новиот претседател ќе можат да го изберат 1.808.131 граѓани со право глас запишани во Избирачкиот список.
Според извршената жрепка на ДИК, на гласачкоот ливче Река ќе биде под реден број еден, Силјановска – Давкова под број два, а Пендаровски под број три.
Првиот изборен круг за шестите претседателски избори е закажан за 21 април, а вториот ќе се одржи на 5 мај.
Според македонските закони, кандидатот за претседател може да победи во прв круг доколку освои над 50 отсто од гласовите на сите регистрирани гласачи во Избирачкиот список.
Во спротивен случај ќе се одржи втор круг на 5 мај во кој ќе се натпреваруваат двајцата кандидати со најмногу гласови од првиот круг. Одзивот во вториот круг треба да биде над 40 отсто за гласањето да се смета за важечко.
Мандатот на актуелниот претседател Ѓорѓе Иванов завршува на 12 мај 2019 година.