Водечката германска група Роми и Синти забележа стотици случаи на дискриминација и расизам врз малцинската заедница во изминатата година, се вели во извештајот, во кој се предупредува дека зголемениот национализам и десничарскиот екстремизам придонесуваат за насилството врз малцинствата во Германија.
Централниот совет на германските Синти и Роми соопшти дека од регистрираните 621 инцидент, мнозинството биле случаи на дискриминација и „вербални стереотипи“. Евидентирани се и 11 случаи на закани, 17 напади и еден случај на „екстремно насилство“, наведува групата, додавајќи дека расизмот кон Ромите и Синтите веројатно е многу поголем бидејќи многу случаи не се пријавени.
Ромите и Синтите се признати малцинства во Германија. Во Германија живеат околу 60.000 Синти и 10.000 Роми, покажуваат податоците на германската Федерална агенција за граѓанско образование.
Извештајот „јасно ги покажува опасностите од растечкиот национализам и десничарскиот екстремизам, што пак води до агресија и насилство врз Синтите и Ромите и другите малцинства“, изјави Романи Роуз, шеф на групата, за новинарите во Берлин.
Во извештајот, исто така, се наведува дека околу половина од евидентираните случаи на дискриминација се случиле „на институционално ниво“, што значи дека Ромите и Синтите биле дискриминирани од вработени во државни институции како што се полицијата, канцелариите за социјална заштита, центрите за вработување или општинските администрации одговорни за згрижување на бегалците.
„Државата мора конечно да преземе одговорност и да гарантира заштита на Синтите и Ромите од насилство, исклучување и дискриминација“, рече Мехмет Даимагулер, комесар на германската влада за борба против антициганизмот.
За време на нацистичка Германија помеѓу 220.000 и 500.000 европски Синти и Роми беа депортирани и убиени
Link: https://www.slobodnaevropa.org/a/njemacka-diskriminacija-romi-sinti-/32598075.html