Во Чешка сѐ почесто се регистрираат судири меѓу тамошните Роми и украински бегалци. Два изолирани насилни инциденти доведоа до големи антиукраински демонстрации на Ромите
„Украинци, одете си дома!“ „Ова е наша земја!“ „Бараме сигурност!“ Овие слогани ги извикуваа неодамна стотици демонстранти на улиците на чешкиот град Пардубице. Чешките Роми гласно протестираа против украинските бегалци поради тоа што сѐ повеќе се чувствуваат загрозени и маргинализирани.
Претходно дојде и до тепачка меѓу дваесетина Украинци и припадници на чешкото ромско малцинство во градот со 100.000 жители во централна Чешка. Полицијата уапси тројца мажи, еден Ром е префрлен во болница со рана нанесена од нож. Видео снимката од нападот со нож ги обиколи социјалните мрежи.
Ситуацијата во ромската заедница од средината на јуни е напната. Тогаш еден млад Ром во Брно во слична кавга беше убиен од Украинец. И во тој случај дошло до напад со нож. „Напаѓачот бил Украинец кому му пречела гласната музика на млади Роми во трамвај“, пренесе порталот Idnes.cz.
Министерот за правда Павел Блажек меѓутоа ги критикуваше демонстрантите што не го пријавиле својот протест кај властите, со што го прекршиле Законот за собири. „Учествување на протест и повици да се дојде на демонстрација се незаконити. Уставот и законот мора да важат за сите, и за мнозинството и за малцинствата“, порача министерот преку Твитер.