На денешен ден се бележи 79 години од Востанието на ромскиот народ како уште една жртва и мета на нацизмот за која многу малку се зборува во јавноста. На 15 Мај највисоката команда на нацистичката полиција носи одлука да бидат убиени сите затвореници во таканаречениот „цигански камп”, со цел да се ослободи простор за транспорт на Евреи од Унгарија. Ноќта на 16 Мај 1944 година, околу 6000 Роми од концентрациониот логор Аушвиц-Биркенау, соочени со истребување, се кренале во очајнички обид да ги спасат своите животи и да се ѝ спротистават на германската СС.
Востанието Ромите го креваат со импровизирано оружје, борејќи се против војниците со камења, железни цевки, дрвени панели, бодликава жица и шверцувани штици. Успеале да одбијат напад од стотина германски војници. Успеваат истребувањето да го одложат. Следниот ден германската војска, регрупирана и тешко вооружена, го загушуваат востанието. Половина од 6000 притвореници биле испратени во други логори, а остатокот биле убиени на 2 август.
Меѓутоа, ваквите форми на отпор во голема мера не се спомнуваат, ниту пак соодветно се обележуваат во денешните комеморации посветени на борбата против фашизмот. Во изминативе години започнаа да се јавуваат иницијативи од страна на ромски активисти, потсетувајќи на историскиот отпор на ромскиот народ во бруталните нацистички логори и (по примерот на други движења) актуелизирајќи ја темата за репарации за изминатотото и актуелното расистичко насилство.
Сепак мора да се констатира неуспехот на модерна Европа во однос на холокаустот врз Ромите. Различни програми усвоени низ годините за репарација на жртвите од холокаустот предвидуваат паричен надоместок на одредени групи, како што се Јеховините сведоци, лицата со посебни потреби и ЛГБТ жртвите – од кои некои ги вклучуваат Ромите. Но, сѐ уште не се усвоени програми за репарации исклучиво за ромските жртви.
16 Мај е ден за комеморација за отпорот на Ромите, помалку познатата и заборавена мета на расистичката политика на нацистичка Германија.