Хаџи Балај, син на Шехрије Балај, сѐ уште се сеќава на 5 мај 1999 година. Денот беше сончев, а Шехрије се обидуваше да обезбеди нешто за ручек за семејството, раскажува тој.
Им снемало брашно, а во тие тешки денови во војната во Косово, тие оскудевале во многу работи.
Одеднаш, се слушнале истрели во близина на нивниот дом во селото Благаје, општина Пеќ, а Шехрије, која била во куќата, ги собрала децата внатре и им рекла да не излегуваат надвор.
Недолго потоа, автомобил на српската полиција се паркирал во нивниот двор и четворица униформирани полицајци ја одвеле неговата мајка, во непознат правец. Кога се вратила во вечерните часови, таа била крвава и со модринки по целото тело.
Во 2013 година, Шехрије Балај, стана првата жена од Косово, што во Белград сведочеше за силувањето. Таа даде исказ на судењето на поранешниот командант на Војската на Југославја (ВЈ), Топлица Миладиновиќ, и на десет други борци, обвинети за воени злосторства извршени во селата Ќушка, Павлан, Захаќ и Љубениќ, во регионот на Пеќ. Во април и мај 1999 година, во овие села беа убиени околу 100 цивили.
Сторители на овие злосторства, беа припадници на 117 интервентен вод на ВЈ, познати како „Шакали“. Нивен командат беше Небојша Миниќ, наречен „Мртви“. „Шакалите“ не беа формирани во војната во Косово; тие веќе имаа извршено злосторства во Босна и Херцеговина и во Хрватска.
Шехрије, на судењето, идентификуваше три лица – Среќо Поповиќ, Бобан Богичевиќ и Дејан Булатовиќ. Првично, во 2014 година, група припадници на „Шакалите“ беа осудени на вкупно 106 години затвор, но Апелацискиот суд на Србија ја поништи оваа пресуда и го врати случајот на повторно судење.
Во меѓувреме, во септември 2018 година, по долго боледување од разни болести, Шехрије Балај почина.
Судот во Белград не им обезбеди соодветни мерки на заштита на жртвите и на сведоците на судењето на „Шакалите“, ниту им обезбеди соодветно советување или поддршка, вели нејзиниот син.
Неговата мајка ниту од Косово не добила помош, или економска поддршка. Нејзиното сведочење за силувањето не привлече ниту внимание. Таа никогаш не се нашла на списокот на некоја косовска невладина организација, што им пружа помош на жртвите на воено силување.
Таа не успеала ниту да добие статус на жртва на сексуално насилство, во рамките на проектот на косовската влада, што им овозможува на жртвите да аплицираат за месечна пензија од 230 евра, откако ќе бифат верификувани како жртви.
Таа поднела барање, но, на нашето прашање, дали нејзиното барање било разгледувано, од владината Комисија за признавање и верификација на статусот на жртвите на сексуално насилство, одбија да ни дадат одговор.
Според косовскиот закон, статус на жртва на сексуално воено насилство, може да добие лице што преживеало сексуален напад помеѓу 27 февруари 1998 година (кога започна вооружениот конфликт), и 20 јуни 1999 година (кога српските сили, по бомбардирањето на НАТО, се повлекоа од Косово).
Но, законот не предвидува, доколку жртвата почине за време на процесот на верификација или како резултат на нападот, членовите на семејството да добијат пензија.
„Кога жртвата умира, умира и нејзиното право на овој статус“, вели за БИРН, Мирлинда Сада, претседател на Медика Ѓакова, невладина организација која им дава здравствена и економска поддршка на жртвите на сексуално насилство, извршено во војната во Косово.
Тaa нагласува дека законот треба да се измени, за со него да се опфатат и оние што починале, но и дека треба да се продолжи петгодишниот период за поднесување на апликации.
Таа го покрена прашањето за лицата (од албанска и од ромска националност) кои биле двапати жртви на сексуално насилство, односно кои за време на војната биле силувани од Срби, а по војната од Албанци.
„Имаме жртви кои биле силувани од обете страни, и од српските вооружени сили и од Албанците. Имаме случаи кога жртвите велат дека биле силувани од Срби, но се плашат да кажат дека и Албанците им го сториле истото“, истакнува таа.
„Ја носеше воената траума“
Ардијана Шала, социјален психолог, која се фокусира на воените трауми и силувања, вели дека лицата што аплицираат за статусот на жртви на воено сексуално насилство, чекаат предолго за да се разгледа нивната апликација и да се донесе одлука во врска со неа.
Таа додава дека признавајќи ги само оние лица кои преживеале сексуално насилство пред 20 јуни 1999 година, власта ги игнорира другите жртви.
„Се претпоставува дека мнозинството жртви на воено силувања, кои биле силувани по 20 јуни, им припаѓаат на малцинските (неалбански) етнички групи, така што временскиот рок треба да се смени“, рече таа.
Салих Никци, кој, исто така, сведочеше на судењето на „Шакалите“, двапати даваше исказ пред судот во Белград, за убиството на неговите родители и на десетиците други цивили во селата Павлан, Ќушка, Захаќ и Љубениќ. Тој верува дека неговото сведочење било нецелосно, бидејќи не зборувал за силувањата.
„На маж му е најтешко да зборува за силувањето на жени. Сите ние што сведочевме знаевме за овие случаи, но не можеме да укажеме на сите, иако имавме можност да зборуваме за нив“, вели Никци.
Сепак, две Албанки, кои сведочеа на ова судење, добија статус на жртва на воено силување.
Халит Гаши, уште еден сведок во предметот против „Шакалите“, чии роднини биле убиени во Павлан, нагласува дека Ромките кои во војната биле жртви на силување, како Шехрије, не добиле соодветно внимание „заради нивната националност“.
„Знам за нејзиниот случај. Жално е тоа што ѝ се случи за време и по војната“, додава Гаши.
Хаџи потенцира дека по сведочењето во Белград, здравјето на неговата мајка се влошило.
„Таа имаше многу здравствени проблеми; ја носеше воената траумата со себе. Таа двапати сведочеше и тоа ѝ падна многу тешко“, објаснува тој.
„Таа двапати патуваше (во Белград за да сведочи) и тоа беше исцрпувачко за неа. Еднаш колабира во судот и ја однесоа во болница. Соочувањето со оние што ја силуваа и повторното прераскажување на случката, за неа беше нешто неподносливо“, вели Хаџи.
Тој додава дека на неговото семејство и денес му е тешко да се навраќа на страдањето на неговата мајка.
„Таа почина во очај, бидејќи никој не ја призна (како жртва), ниту ја поддржа, иако сведочеше на суд“, истакна тој.
Link: https://balkaninsight.com/2019/11/19/kosovo-roma-woman-died-in-despair-after-war-rape-testimony/