Специјалното обвинителство на Косово денеска во отсуство поднесе обвинителен акт против лице од ромска националност со иницијали И.Б од општина Клина. Тој е обвинет дека во периодот од 1998 до 1999 година извршил воено злосторство врз цивилното население.
„Специјалното обвинителство во отсуство поднесе обвинителен акт против обвинетиот И.Б, ромска националност од општина Клина, поради основано сомнение дека сторил кривично дело „воено злосторство врз цивилно население“, санкционирано со член 142. во врска со член 22 од Кривичниот законик на Социјалистичка Федеративна Република Југославија, како закон што важел во времето на извршување на кривичното дело“, се наведува во соопштението.
Тој се товари дека во периодот од 1998/99 г. се приклучил на српската војска и полиција и учествувал во грабежите на цивилното население и нивните домови и дека во таа прилика земал работи како возила, стока, телевизори и други предмети.
Специјалното обвинителство на Косово го товари и за палење на куќа во селото Зајмово, каде, како што тврдат, биле пронајдени изгорени тела.
„Исто така, истото лице учествувало и во палењето на куќи во село Зајмово и околните села, каде во една од опожарените куќи, односно во куќата на М.А, биле пронајдени опожарените жртви на Б.А. и Б.К., а под закана со оружје заради заплашување, учествувале во протерување на жители од албанска националност од нивните домови“, се наведува во соопштението.